Месечен билтен за ноември 2015 г.

 НОВА ЕВРООБВРЗНИЦА И НОВИ ДОМАШНИ ЗАДОЛЖУВАЊА

1.     ТМ ги повикува премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Зоран Ставревски на македонската јавност да o7; објаснат како „земјата најголем реформатор и со највисок раст во Европа“ е доведена во ситуација на ниска ликвидност, да не може да ги извршува тековните исплати без нови задолжувања. Манипулацијата со бројките е многу воочлива.

ПОРАКИТЕ ОД ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

2.         ТМ повторно укажува дека се потребни сериозни политички промени,  што ќе доведат до втемелување на демократски вредности, непречена работа на Специјалното јавно обвинителство што ќе обезбеди кривична одговорност за коруптивното однесување и „ремонт“ на постоечкиот антикорупциски систем. Ова во голема мера се однесува и на ДКСК, која испратила забелешки и несогласување до ЕК за последниот Извештај и се пожалила дека е необјективно оценета, а дека нејзината работа е нереално прикажана во Извештајот. Во моментов не се знае дали и каков одговор добила ДКСК, но ТМ o7; порачува дека за остварување на својот мандат ДКСК треба да ги користи сите капацитети, ресурси и креативност за да се справува со широко распространетата корупција, наместо да полемизира со ЕК.

КОРУПЦИЈА ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ

3.         Земајќи ги предвид острите критики на Европската комисија за слабостите и нивото на корупција во јавните набавки, за што со години се оценува дека претставува сериозен проблем, ТМ повторно укажува на потребата од измени и дополнувања на Законот за јавни набавки со предвидување на конкретни анти-корупциски одредби, вклучувајќи и превенција на судирот на интереси и воспоставување на систем на контрола врз целиот процес на јавни набавки – од објавување на огласот, до имплементацијата на договорот за јавна набавка.  При ова, ТМ укажува дека без вистинска политичка волја, наводната „борба против корупцијата“ на власта во оваа најранлива област за корупција останува само декларативна.

БУЏЕТ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА 2016 Г.

4.         ТМ констатира дека е очевидно дека буџетот на Град Скопје за 2016 г. ќе биде во функција на пропагандните потреби за престојните предвремени парламентарни избори и дека Градот Скопје ќе треба да го надомести она што нема да може да го направи централната власт на територијата на Скопје.  

СОСТОЈБА ВО МЕДИУМИТЕ И СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ

5.         Смислата на решавањето на оваа длабока политичка криза во Македонија не е во повторувањето на агресивните, нетолерантни медиумски практики на провладиниот пропаганден апарат со кои се егзекутираа сите изминати избори во последните десетина години. Затоа, со оглед на однесувањето на власта и пробивањето на речиси сите рокови за битните предизборни реформи договорени во Пржино, меѓу кои оние за медиумите се едни од најсуштествените, ТМ  ја повикува меѓународната заедница, опозицијата, како и демократската јавност во Македонија, отворено да побара пролонгирање на рокот за одржување на предвремените избори, закажани за април 2016 г., бидејќи преостанатото време до изборите не е ниту приближно доволно за реализирање на фер и демократска информативно-медиумска предизборна атмосфера во која сите релевантни политички конкуренти би добиле фер-шанса за промовирање на своите ставови.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Билтен за ноември 2015