Финансиите на политичките партии под закрила на институциите

 До кога финансиите на политичките партии ќе бидат „заштитена мечка“ во Македонија? Транспарентност Македонија остро реагира на одлуките на Вишиот Управен Суд на РМ со кои го ограничува правото на слободен пристап до информации за финансиите на политичките партии. Прашањата кои беа предмет на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер се однесуваа за финансирањето на политичките партии за парламентарните избори од 2011 година во периодот кога политичките партии сn4; уште беа иматели на информации според Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер (КОМСПИ).


Решенијата на КОМСПИ со кои првично беше одбиен пристапот до овие информации беа оспорени пред Управниот суд на РМ, со надеж дека ваквата пракса на КОМСПИ без да се даде јасно образложение зашто политичките партии веќе не се иматели на информации од јавен карактер ќе биде согледана како погрешна. Но, и од Управниот суд на РМ наидовме на потполно исто стојалиште како и она на Комисијата, односно сите тужби поднесени пред Судот беа одбиени како неосновани.

Ваквото рестриктивно толкување беше обжалено пред Вишиот управен суд на РМ, со надеж дека токму овој суд ќе навлезе во суштината на управната работа која ја решава и ќе заземе поинаков став во насока на заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Но, стојалиштето на Вишиот управен суд на РМ е дека не е повреден законот на штета на барателот на информацијата и не е скратено правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, од причина што јавноста и транспарентноста на работењето на политичките партии било сосема доволно обезбедена преку одредбите од Законот за финансирање на политичките партии според кои истите имаат обврска сите информации за своето финансиско работење да ги доставуваат до надлежни државни институции или на своите веб страници, па следствено на тоа, имателите треба своето барање да го адресираат до државните институции.

Од целокупната постапка јасно се заклучува дека (не)транспарентноста на финансиите на политичките партии остануваат под закрила на институциите на државата и дека правото на слободен пристап до информации во делот на финансирањето на политичките партии останува ограничено.

Прашањето за (не)отвореноста и (не)подготвеноста за соработка на одредени државни институции кога станува збор за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ќе биде детално разработено во анализата која ќе биде продукт на проектот “Транспарентност во финансирањето на политичките партии” спроведуван од Транспарентност Македонија во соработка со Фондацијата Отворено општество – Македонија преку која ќе се увидат слабостите на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер кога станува збор за сензитивно прашање како што е финансирањето на политичките партии.