Новинарството под стегите на Груевски

Методите на овој општествен преврат, кој се изведува по мирен, но не и демократски пат, се со силна употреба на популизмот, како технологија на владеење

Македонија нема проблем со слободата на говорот – има проблем со слободата по говорот. Македонија нема проблем со слободата на медиумите – има проблем со слободата на медиумската индустрија. Македонија, всушност, има крупен проблем со функционирањето на демократијата.

Ова е краткиот опис на состојбата со новинарството и медиумите во оваа земја во која власта глуми дека е демократска, а ние глумиме дека сме фино воспитани и по малку мрзоволни. Таа состојба е последица на стратегијата – значи: стратегијата – на владиниот социоинженерски проект кој во 2006 година почна да го спроведува г. Груевски. Тој проект има(ше) две основни цели: проширување на политичката база во земјата, со активистичко будење на најшироките, пауперизирани маси од долгата македонска економско-политичка транзиција; со будењето на толпата следува агресивно менување на општествената елита, со широко поставен општествен фронт, кој се протега од државната и парадржавната администрација, преку бизнис и образовната елита, до невладиниот сектор, спортските друштва, синдикатите, жените со лесен морал и чуварите на плажите крај Вардар во зимскиот период. Медиумите, се разбира, не беа само попатна станица во походот на партиската фаланга. Задушувањето на нивната слобода и нивното освојување е од суштествена важност за успехот на социоинженерската „преродба“. Тие мораше да се претворат во средство за мобилизација и индоктринација, а не за информација.

Методите на овој општествен преврат, кој се изведува по мирен, но не и демократски пат, се со силна употреба на популизмот, како технологија на владеење – и, за тоа, се изнаслушавме разни анализи и синтези. Резултатот е една идеолошка конструкција која ги има сите обележја на корпоративниот комунизам: сеприсутната држава никако не престанува да расте и да расте и да троши и да троши во сите непродуктивни домени од општеството, раководена од една врхушка, роднински и кумско-баџаначки толку поврзана што семејните слави и имендени слободно можат да се прогласат за редовни седници на Владата. Државата, всушност, се води како една малку поголема семејна корпорација (која не котира на берза) и која е час капиталистичка, час комунистичка, зависно од тоа дали се прави профит или се продава магла. На чело е главниот извршен директор кој, кај и да е, ќе се сети дека е време да се воведе „штафета на младоста“, оти неговата генијалност ги надминува фалбите во песните испеани за него. „Волку, волку, зошто имаш толку големи раце? Оти клучот од касата се изгуби, па вратата веќе не ја ни заклучуваме…“

Како дел од оваа стратегија – во државата во која реформираните кадии на Маневски и тужат и судат; аџијата лустрира како да е доминикански приправник во средновековен шпански двор; а поповите појат 24/7 и продаваат индулгенции-камен-темелници како да се ближи судниот ден – власта во изминатите пет години ги спроведе следните „медиумски“ чекори:

* Селективно ги применуваше правните и инспекциските мерки кои длабоко засегаат во принципите на лојалната конкуренција на пазарот и во владеењето на правната држава – имено, се’ што кажа Груевски за Рамковски е веројатно точно, но и се’ што кажа Рамковски за Груевски е бездруго точно;

* Селективно, нерамномерно и нетранспарентно дистрибуираше големи финансиски средства од државните фондови – само во 2010 г. државниот ревизор изброил 33 медиумски владини кампањи! – за маркетиншка поддршка само на медиуми наклонети кон политиките на власта. Тоа ја поткопа финансиската моќ и пазарната позиција на медиумите што не ја поддржуваат беспоговорно политиката на власта;

* Силно се поврза, преку персонални, политички и бизнис-интереси, често со оправдани сомневања за криминал и корупција, со некои од најкрупните медиумски сопственици, што доведе до задушување на слободата на изразување, нарушување на професионалните новинарски стандарди и цензурирање на новинарскиот труд во тие медиуми;

* Грубо се замеша и притисна врз работата на независните регулаторни тела што се занимаваат со различни аспекти од функционирањето на медиумите;

* Ја претвори Македонската радио-телевизија во најприземно пропагандно средство, од којашто се бришат чевлите по секое газење врз демократијата;

* Примени разновидни притисоци врз слободата на печатот: правни средства и политички закани, отпуштања од работа, јавни шиканирања на неистомислениците преку партиско-државните говорници и преку провладините медиуми, нееднаков третман во дистрибуцијата на информациите, ги затвори информативните извори за критички настроеното новинарство итн.;

* Се обиде да ги дискредитира сите – од Фуере и Фил, преку Ѓунер и Геро, до ЗНМ и Транспарентност – кои укажуваа на ваквите состојби во општеството. Биле кодоши, платеници, предавници, профитери, аматери, комуњари, баби, габи и крастави жаби.

Како резултат на ова, државата се најде на сите релевантни меѓународни „црни листи“ за опаѓање на слободата на печатот и за понирање на дотогаш мачно градените криво-прави демократски практики. Паралелно со таа деградација, „Марија Шарапова на меден месец“ се звуците што се слушаат од кабинетите на власта и од „канта-тропа“ пропагандната медиумска машинерија по секој згаснат македонски медиум. Мислат дека работењето во корист на општата штета не е штетно за општата корист.

Сето ова ќе продолжи се’ додека приказната за преродбата на Груевски дејствува конзистентно. Тоталитарните режими се потпираат врз својата заокружена нарација, не врз објективната реалност и фактите од животот. За одржувањето на таа нарација се трошат (а, богами, делумно и се крадат) стотици милиони евра, со императив да се придушат сите што алармираат на будење. Но, така создадената виртуелна реалност потоа се урива со имплозија, збунувачки брзо и за режимот и за јавноста, која нагло се буди од приказната за „Земјата на чудата“.

Има многу знаци дека конзистентноста на приказната на г. Груевски почнува да се распаѓа. Тоа го покажаа и резултатите од последните парламентарни избори, чистката во владејачката партија, се’ погласните критики на меѓународната заедница, но и социјално-економската реалност, која најдобро може да се опише со парафразата на Черчил од страна на г. Ден Дончев: дека економскиот модел на дуетот Груевски – Ставревски личи на напорот откако со двете нозе ќе влезете во канта, да се обидете кантата да ја дигнете за нејзината рачка! Таа македонска реалност нема доволно добра и скапа пропаганда што може да ја разубави.

Тоа не значи дека будењето следува веќе утре изутрина. Но, светлината на зората на повторното освојување на медиумските и демократските слободи во Македонија полека ќе почне да го осветлува задникот на Букефал, споменикот што ќе не’ потсетува на уште една изгубена деценија во македонското национално зреење. (автор: Сашо Орданоски)