(НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ФИНАНСИРАЊЕТО ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ

Во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Транспарентност Македонија (ТМ), а по повод објавувањето на резултатите од првиот периодичен извештај, на 17 октомври се одржа тркалезната маса „Транспарентност во финансирањето на политичките партии“.

Во своето воведно обраќање, професорот Ванчо Узунов нагласи дека финансирањето на политичките партии сеуште претставува сива и нејасна зона, податна за ширење корупција, не само заради недоследностите во начинот на регупирање туку и заради начинот на кој се применува. Република Македонија, преку низа закони, се обврза да обезбеди еднаков пристап до изворите на финансирање за сите политички партии, а се обврза и да обезбеди и ефикасен контролен механизам кој треба да гарантира одговорност и транспарентност во финансирањето на политичките партии. Сепак, постојат низа недоследности, и од страна на политичките партии и од страна на државните институции кои имаа надлежности врз процесот. Државните институции не ги исполнуваат надлежностите, додека за политичките партии се стекнува впечатокот дека меѓу нив постои консензус да не се зборува отворено за финансирањето.

Данче Даниловска од ФООМ истакна дека поттик и идеја за имплементирање на проектот „Транспарентност во финансирањето на политичките партии“ се континуираните укажувања на Европската комисија дека „транспарентноста на јавните расходи и финансирањето на политичките партии остануваат нецелосни“.

 

Искра Андреева од ТМ објасни дека истражувањето, правено според законската рамка важечка до октомври 2011, покажува дека политичките партии не ги почитуваат пропишаните форми за известување на тековното финансирање. Истовремено, истражувањето кое како единствена алатка за прибирање на податоците и од политичките партии и од надлежните инстируции го користи пристапот до информации од јавен карактер, покажува дека ниту овој Закон, во Македонија, не се применува во целост. Голем процент од партиите не ги доставиле податоците, или пак го игнорирале барањето.

За професорката Рената Тренеска Дескоска, најголем проблем претставува немањето волја кај клучните политички фактори за вградување вистински решенија во Изборниот законик. Изборниот законик, донесен во 2006 година, до сега два пати претрпе суштински измени, во 2008 и во 2011 година. Според неа, развојот на измените од 2006 до 2011 година, покажува дека измените не се направени со чесна намера. „Она што беше криминално во 2006, во 2011 го озаконивме“ нагласи Дескоска. Како пример за своето тврдење, Дескоска го посочи случајот со медиумите. Од една страна, обврската на медиумот да обезбеди рамноправност во промовирањето на политичките партии во текот на изборна кампања се коси со можноста медиумот да се јави и во улога на донатор, од друга страна. Според Дескоска, финансиските извештаи не даваат одговор на прашањето како се дефинираат донаторите и дали се вистински донатори. Заради тоа, таа смета дека одредбите не смеат да останат само на формално ниво, туку мора да овозможат и начини на испитување на потеклото на парите добивани од донатори.

Професорот Никола Тупанчески, поранешен претставник на ГРЕКО (Група на држави против корупцијата) нагласи дека во инситутциите нема ниту волја, ниту капацитети за спречување на злоупотребата во финансирањето политички партии. Според него, законската норма постои, ама не се применува. Тупанчевски, со жалење, заклучи дека главниот проблем во Македонија е селективната примена на правото, односно, правото се применува под превезот на политичките интереси.

Доцентот Предраг Трпески истакна дека проблемите во оваа сфера се и длабоко вкоренети во начинот на работење на партиите, но и се предизвикани од слабата функционалност на механизмите за контрола на финансирањето на партиите. Според него, во партиите, само мал круг на партиски членови имаат контрола и увид во финансирањето, па оттаму, финасирањето политички партии почнува да наликува на приватен бизнис. Трпески смета дека зајакнувањето на контролните механизми е единстваниот начин да се избегнат злоупотребите.

Во прилог е Првиот периодичен извештај „Транспарентност во финасирањето на политичките партии“

TM_prv izvestaj_finansiranje na politicki partii (pdf)