БАРАЊЕ За спроведување на јавна дискусија за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политички партии

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Транспарентност Македонија(ТМ) бараат од пратениците во Собранието на РМ да одлучат да се спроведе јавна дискусија за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политички партии. Од една страна сметаме дека станува збор за Предлог-закон кој е од поширок интерес, но од друга страна сметаме дека пратениците, согласно член 145 од Деловникот на Собранието на РМ, можат да покажат и да одлучат дека се спремни отворено да дискутираат за гледиштата и ставовите на јавноста и граѓанскиот сектор за Предлог-закон кој е од исклучително значење и е од интерес и за Европската комисија (ЕК). Имено, во последниот Извештај за напредокот на РМ за 2010, ЕК забележа дека „Спроведувањето на законодавството за финансирање на политичките партии и изборни кампањи се’ уште не даде резултати.“

Предвидените измени предлагачот ги образложува со усогласување на постојната законска рамка со препораките на ГРЕКО (Група на држави против корупцијата), за кои сметаме дека не само што не се прифатени во Предлог-законот, туку во голема мера и се заобиколени, како на пример, измените кои се предлагаат не гарантираат ефикасен контролен механизам на финансиското работење на политичките партии.

Нашите забелешки на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политички партии се дадени во прилог:

Барање