Замрзнат дел од имотот на „Фершпед“

Правобранителството не сака да ја коментира одлуката на судот, а во „Фершпед“ таа не беше примена до крајот на работниот ден

Основниот суд Скопје 2 донесе одлука со која најголемиот дел од имотот на АД „Фершпед“ се замрзнува. Според образложението елаборирано на 11 чукани страници, судот делумно го уважил барањето на Државното правобранителство за забрана за отуѓување и ставање под залог на имотот на „Фершпед“, но како што неофицијално се дознава, на удар се најде речиси поголемиот дел од имотот на оваа реномирана компанија.

Одлуката за замрзнување на имотот ќе остане во сила се’ додека по судски пат не се докаже дека државата, преку „Македонски железници“, поседува 51 отсто од основачкиот капитал на „Фершпед“, односно се’ до изрекување правосилна судска пресуда.

„Во овој момент можам само да кажам дека станува збор за одлука напишана на 11 страници, но одлуката не сакам да ја коментирам. Ни треба време за да ја разгледаме одлуката, но кога точно ќе се произнесеме, не можам да кажам“, ни изјави државниот правобранител Оливера Китанова.

Во АД „Фершпед“ одлуката не била доставена до крајот на работниот ден, и покрај тоа што им бил најавен судскиот доставувач. Неофицијално се дознава дека акциите на „Фершпед“ и натаму ќе котираат на Македонската берза, но потврда на ваквата непотврдена вест ќе следува дури откако ќе се дојде до содржината на одлуката.

На одлуката што вчера ја донесе судијката Маринела Јакасановска и’ претходеше барање од Државното правобранителство за докажување на сопственоста на „Фершпед“. Имено, Правобранителството, сметајќи дека државниот капитал кој бил вложен во трансформацијата на „Фершпед“ не бил соодветно третиран, побара од судот да изрече привремена мерка со која на „Фершпед“ ќе му се забрани да отуѓува имот, за во друга постапка да се докажува сопственоста.

Барањето за докажување сопственост врз „Фершпед“ и порано беше предмет на расправи, а беа иницирани и кривични постапки со кои се тврдеше дека при трансформирањето на општествениот капитал, наводно, бил сторен криминал. (Љ.С.)

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1BAA799519240B4D8DA56D02D99FD950