Балканот корупциски рај

Подмитувањето на Балканот е дел од секојдневјето, пишува долгогодишниот дописник на германската новинска агенција ДПА од регионот„Се подмачкува од лулка до гроб, и тоа го практикуваат сите општествени слоеви“. Така дописникот на ДПА ги воведува читателите во својот опширен текст, во кој ги опишува размерите на корупцијата во неколку земји од регионот: од Хрватска и Србија до Романија или Бугарија.Новинарот Бреј ја почнува сторијата со популарниот и насекаде познат балкански виц за студент по историја, кој за 200 евра го „купил“ професорот и без проблем го минува испитот. „Каде падна првата атомска бомба?“, го прашува професорот на усмениот испит. Откако студентот ќе одговори дека тоа се случило во Хирошима, студентот го положил испитот. Потоа, во кабинетот на професорот влегува друг студент, кој не сакал да плати. Професорот го прашува каде паднала првата атомска бомба. Студентот одговара точно. Професорот поставува второ прашање, за бројот на жртвите во Хирошима. Студентот повторно одговара точно: „Двесте илјади“. И, на крај, паѓа на испитот, бидејќи не го знае одговорот на третото прашање од професорот: „Како гласат имињата на тие 200.000 жртви?“Експертите на „Транспаренси интернешенел“ (ТИ) земјите од регионот редовно ги означуваат како држави во кои корупцијата има најголем замав. Минатата година (2009) на глобалната листа на корумпирани држави, ТИ ги стави Бугарија, Македонија и Романија на 71. место, со просечен индекс на корупција од 3,9. Како споредба, Швајцарија се наоѓа на петто место со стапка од 9,0, Германија е на 14. место (8,0), а соседна Австрија е на 16. место (7,9).Од Бугарија, Македонија или од Романија, состојбата е многу полоша во Србија (83. место, со индекс 3,5) или Албанија (95. место, стапка 3,2). Во Европа, тврди ТИ, најкорумпирана земја е Босна и Херцеговина. БиХ се наоѓа на 99. место на глобалната листа, со стапка од 3,0.Новинарот на агенцијата ДПА со конкретни примери ја поткрепува својата теза за корупцијата, како еден од најголемите (ако не и најголем) проблеми во регионот.ХрватскаАгенцијата ДПА се осврнува на криминалната афера „Индекс“ – кон крајот на 2008 година во јавноста се појави ценовник за успешно полагање испити на факултетите. Така, за 200 евра можеше да се издејствува полагање испити кај „добронамерни“ место кај „недобронамерни“ професори. Едноставните испити чинеа 500 куни, а најтешките 10.000 куни. ДПА пишува и за „пакет-понуда“, купување два или повеќе испити со соодветен попуст. За два релативно тешки испита студентите мораа да избројат 15.000 куни, пишува Бреј. Сепак, германскиот новинар потсетува дека купувањето испити не е хрватска посебност. Тој наведува како со години постојат сомневања дека бројни грчки медицинари, кои денес извршуваат угледни должности, стигнале до лекарските титули со подмитување на професори на Универзитетот во Ниш (Србија).Се спомнува име на поранешен премиер: „Поранешниот шеф на владата, Иво Санадер, се спомнува во медиумите во контекст на спорните кредити на скандалозната Хипо-Алпе Адрија банка“.Босна и Херцеговина„Политичките елити се главен мотор на корупцијата во Босна“, тврди директорот на тамошниот ТИ, Срѓан Благовчанин, и додава: „Таканаречената мала корупција во здравството, образованието, администрацијата и полицијата е последица на големи измами“. Тој напомнува дека граѓаните гледаат како „крупни риби“ во политиката минуваат неказнето, и затоа едноставно го копираат модусот на однесување и со помош на бакшиши се обидуваат да ги протуркаат своите намери, пишува новинарот на германската агенција ДПА. Бреј додава (повикувајќи се на локални медиуми) дека граѓаните на БиХ при посета на лекар просечно плаќаат мито од 126 евра.РоманиJаНа годинашнава матура директорот на едно училиште во романскиот град Клуј, наводно, заработил 14.100 евра. Слабите писмени испити по предметот романски јазик тој едноставно ги заменувал со подобро напишани копии. Но, не бил премногу умешен. Комисијата за оценување на испитите открила неколку речиси идентични трудови и сфатила за што станува збор.Во Романија, пишува ДПА, е сосема вообичаена практика слабо платените наставници да им нудат приватни часови на учениците дома, од што можат да заработат многу повеќе отколку во училиштето. Инструкциите, очигледно, се средство за втерување страв во коските на учениците. „Учениците кои нема да се пријават за приватни часови, мора да сметаат на полоши оценки во училиштето, без оглед колку добро ќе ги напишат испитите“, нагласува Бреј.Поранешниот премиер на Романија, Адријан Настасе (2000-2004), сега пред судот мора да објасни од каде потекнуваат 400.000 американски долари на сметката на неговата сопруга. Неговото тврдење дека станува збор за пари од продажба на накит на една негова тетка малку е претенко. Имено, легендарната тетка Тамара живеела скромно во мал стан во Букурешт.СрбиjаВо Србија, наведува ДПА, родителите уште по доаѓањето во породилиште мора да ги подмачкаат лекарите за да може бремената жена (и бебето) да очекуваат колку-толку хумани услови. Полагањето испити во училиштата и на факултетите е незамисливо без награди за наставниците и за професорите. Германскиот новинар потсетува на големата афера со професорите на Правниот факултет во Крагуевац. Тогаш 10 професори беа уапсени поради продажба на дипломи, а посебно пикантен беше деталот дека меѓу нив бил и деканот, поранешен судија од Уставен суд и експерт за организиран криминал. До денес ниту еден од нив не е правосилно осуден.„Тоа не се лекари, туку монструми!“ Така белградски „Прес“ во јули го наслови написот за аферата на националниот Институт за канцер. Водечки лекари и директорот на институцијата беа уапсени под сомнение дека на неизлечиво болните пациенти (кои боледуваат од канцер) им препишувале земање на непотребни лекови – за да можат да кешираат големи провизии од фармацевтската индустрија, за практично тестирање на влијанието на некои лекови кај луѓето. Лекарите, наводно, им давале повеќекратни дози цитостатици и на деца, а од фармацевтската индустрија, тврдат истражните органи, добиле награди од над 500.000 евра за финансирање на нивните скапи автомобили.Според некои податоци, во Србија годишно се перат и до 1,7 милијарди евра. На државните тендери околу 400 милиони евра завршуваат во приватни џебови, сметаат европските експерти за борба против корупција.ПравосудствоКако еден од клучните недостатоци во борбата против корупцијата во регионот, ДПА го наведува нефункционалното правосудство. Најголемите случаи на корупција (високопозиционирани политичари) и во Романија и во другите држави на Балканот, едноставно, се разводнуваат, адвокатите со многу трикови го одолговлекуваат процесуирањето, а судиите ја играат таа игра, тврди Бреј. Дури и кога се наѕира некаква пресуда, одеднаш, по правило, со смешно образложение, се менува надлежниот судија, се поставува нов и процесот почнува од почеток.Судењето на 33 обвинети од т.н. корупциска мафија, која беше растурена во 2006 година во Белград, се’ уште е на самиот почеток. Иконата на турбофолкот Цеца (сопруга на убиениот Аркан) се’ уште (седум години по почетокот на истрагата) чека на својот процес. Станува збор за 11 милиони евра од продажба на фудбалски играчи, кои таа, наводно, ги присвоила, пишува дописникот на германската новинска агенција од регионот на Југоисточна Европа. (Дојче веле)

http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=27DE2D27D3ECAD40AB2EC144FE2E31FA